Уредете ја бањата правилно
Покрај основната намена на бањата – одржување на личната хигиена, поради недостаток од простор, денес таа станува повеќенаменска просторија – перална, сушална или просторија за релаксирање. Сето ова води до заклучок дека таа треба да биде најблизу до спалната соба. Самото проектирање и уредување на бањата треба да се изведува внимателно, со цел да се задоволат низа функционални барања, а истовремено и да биде практична и безбедна (статистиката вели дека 90% од повредите во домот се случуваат токму во бањата). Големината на бањата го дефинира и бројот и димензиите на санитарните уреди, а нивната положба треба да овозможи пократок доводнен и одводен канал.
Кадата
Кадата како составен дел на секоја бања, може да биде изведена на неколку начини: самостојна, заѕидана, впуштена во подот... Важно е при планирање и опремување на бањата да се предвиди употребниот простор на кадата (минимални димензии се 55-60 cm, а доколку се употребува и како простор за релаксација 90-105 cm.)
Умивалникот
Мијалникот може да биде самостоен или во рамките на друг елемент во бањата, а димензиите можат да бидат различни, во зависност од големината на просторот и бројот на бањите во домот. Освен функцијата, тој денес станува и битен естетски детал. Внимателно треба да се избере неговата положба и димензии, почитувајќи ги притоа минималните употребни димензии – 90cm широчина и 55 cm предпростор на мијалникот.
Бидето и WC шољата
Бидето се употребува во поголемите бањи, а оддалеченоста од ѕидот треба да биде 10-11 cm. За подобар визуелен ефект во бањата, треба да избегнуваме WC шољата да биде директно изложена на погледот при отворање на вратата . Предпросторот кај неа треба да изнесува најмалку 60cm.
Околината и деталите
Подот на бањата задолжително треба да биде водонепропусен. Ова барање во потполност може да се исполни со поставување на плочки или камен. Притоа треба да се обрне внимание на форматот на плочките, бидејќи преголемите формати визуелно го намалуваат просторот. Истотака пожелно е бојата на поплочување да биде потемна нијанса од бојата на ѕидот (или еднаква нијанса со ѕидот) за да просторот не би бил визуелно “оптоварен”.

Ѕидовите поплочете ги во согласност со тоа кој впечаток сакате да го постигнете. Доколку сакате да ги истакнете елементите во бањата, поплочувањето треба да биде поедноставно. Доколку не сте подготвени да издвоите средства за скапа ексклузивна опрема, поиграјте се со боите, кои ќе го привлечат вниманието и ќе ги стават недостатоците на бањата во втор план. Прозорците треба да бидат сместени спроти кадата (поради заштита на мокрото тело од провев), а идеален извор на светлина е од левата или од предната страна на мијалникот. Доколку прозорците се со поголеми димензии, овозможена е поголема вентилација на воздухот.
Не заборавајте при планирањето да изберете бања која ќе биде лесна за чистење и одржување за да може во потполност да уживате во функционална, убава и чиста бања.
|