Како влијаат боите на собите врз нас
Многумина од нас, кога ќе помислат да променат нешто во домот, се одлучуваат да ги бојосаат ѕидовите во некоја интересна боја. Но, малкумина се свесни за психолошкото влијание што боите го имаат врз расположението. Затоа, пред да ја ставите четката во кантата со боја, прочитајте ги следниве совети, што ќе ви помогнат да ја одберете најсоодветната боја за вашето расположение.
Црвена
Психолошки гледано, кај многу луѓе црвената го подига крвниот притисок, чукањето на срцето и енергијата. Исто така, предизвикува чувство на интимност и страст. Меѓу другото, црвената го подобрува апетитот, што објаснува зошто често се користи во рестораните и е одличен избор за трпезарија за формални средби.
Портокалова
Слично како и црвената, и портокаловата и дава топлина на собата, но на попријателски начин. Токму затоа портокаловата и нејзините нијанси одлично функционираат во собите за дневен престој.
Жолта
Исто така оддава чувство на добредојде и пријателко расположение, но разликата е во тоа што привлекува повеќе внимание отколку црвената или портокаловата. Ова нејзино својство можете да го искористите при бојосувањето на слабо осветлени салони или мрачни ходници.
Сината
Оваа боја не смирува и релаксира, затоа е идеална за во спална. Меѓутоа внимавајте, обратно од црвената, сината го потиснува апетитот (на колку сини јадења може да ви текне?!), па затоа не се препорачува да ја користите во кујната или трпезаријата. Освен ако сте на диета.
Зелена
Уште една боја што смирува и што е многу поразновидна од сината.
Светлозелените нијанси се одлични за спалните и дневните соби, а оние потемните се користат во кујните и трпезариите (а има и многу зелени јадења). Исто така, поради нејзиниот смирувачки ефект, често се користи во болници, работни места и училишта.
Виолетова
Психолошки гледано, оваа е малку „трик" боја. На многумина возрасни не им се допаѓа многу, но неа сродната розева одлично може да се вклопи во многу соби, меѓу кои и трпезарии, спални или читални. Малите деца, пак, многу позитивно реагираат на виолетовата, па затоа нивните детски соби или катчиња за играње можат да добијат виолетова позадина.
|